Скопски пазар зема учество во борбата против насилството на жените

Поаѓајќи од фактот дека семејното насилство сеуште се смета за табу тема и се третира како приватна работа, здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Р. Македонија - ЕСЕ, секоја година, од 25-ти ноември до 10-ти декември, во рамките на Меѓународните 16 дена за активност против насилството врз жените спроведува кампања за подигање на свеста за овој проблем.

Оваа година, ЕСЕ, ги здружи силите со Скопски пазар во борбата против насилството врз жените, кое како што го дефинира Кофи Анан, генералниот секретар на ОН, е можеби најсрамното и најраспространетото кршење на човековите права.

Скопски пазар е една од ретките компании кои веднаш излегоа во пресрет на апелот на ЕСЕ за помош на жртвите на семејното насилство.

Имено, во сите СП маркети, Макси Д дисконти и центарот за убавина UNIQUE се поставени кутии во кои граѓаните и верните потрошувачи ќе може да остават своја донација за жртвите на семејно насилство и ќе се дели информативен материјал за помош на жртвите на семејно насилство. Исто така, за жртвите на семејно насилство може да се донира и на телефонот 070 143 183.

На овој начин, Скопски пазар активно се вклучува во борбата за подигањето на свеста на нашето население за овој проблем и во голема мера придонесува за заштита на жртвите на семејно насилство.

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Р. Македонија - ЕСЕ дејствува од јули 1994 година. Неговите активности се насочени кон реализација на мисијата на ЕСЕ за подобрување на состојбата на жената преку активно вклучување и учество на двата пола, што треба да води кон фактичка, а не декларативна родова рамноправност.

Еден од приоритетите на ЕСЕ е борбата против семејното насилство, односно насилството врз жените. ЕСЕ иницираше законско регулирање на овој проблем. Радува фактот што од 2004 година семејното насилство се инкриминира, опфаќајќи ги сите негови облици - психичко, физичко и сексуално.

Како резултат на тешката социо-економска состојба на жените, ЕСЕ отвори три центри за правна помош, во Скопје, Штип и Тетово, кои нудат бесплатна правна и психосоцијална помош и поддршка, како и бесплатно судско застапување на жртвите на семејно насилство. Досега, за помош се обратиле 2204 жртви на семејно насилство, од кои 1890 се жени, а од нив 1800 се невработени.