Во продажната мрежа на АД Скопски пазар, прв пат кај нас, се дава услуга и за лицата со оштетен слух и тоа со примена на моделот на комуникација со гестикулативен говор. Скапо или евтино, има или нема некој производ, кисела вода или зејтин, плаќање со картичка или во кеш, може да се забележи како се соопштува сето тоа со гестикулации со рацете. Можеби во светот одамна е практика, но кај нас е нова појавата продавачите со гестикулативен говор да комуницираат со лицата со оштетен слух. Ваква комуникација засега се применува единствено во маркетите на Скопски пазар.

Gestikulativen govor vo prodavnicite na Skopski pazar ad!

Оваа компанија веќе три години во соработка со Сојузот за глуви и наглуви спроведува обука на своите вработениво маркетите, а се планира нешто слично и за полесна комуникација со слепите лица. Со часовите раководи професор Викторија Волаќ, дефектолог и член на Сојузот, која како професионален толкувач, акцентот на обуката го става на делот на гестикулативниот говор што им е потребен на продавачите во комуникацијата со потрошувачите. Кандидатите покажале извонредно интересирање и научиле многу работи за глувите лица и се заложиле за подигање на јавната свест во односот кон нив.

По два и пол месеци обучените кандидати по двајца се распределуваат во СП маркетите и Макси Д дисконтите на компанијата, како и во козметичката продавница Unique. Досега обуката ја поминале 40-тина лица, а тимот млади и амбициозни луѓе од Скопски пазар велат дека нема да застанат тука. Ќе продолжат до бројка од 130 обучени продавачи. Со хуман третман кон лицата со хендикеп почнале со изградбата на коси рампи пред маркетите, а преку Сојузот за глуви и наглуви се родила идејата продавачите да го изучат гестикулативниот говор.

Гестикулативен говор во продавниците на Скопски пазар ад!

"Со обука на продавачите почнавме во 2005-та година, кога низ неа поминаа 40 вработени. За нив беше тешко, но, сепак, интересно и предизвик да ги научат сите производи со македонската еднорачна азбука. Важно е дека идејата даде позитивни ефекти. Ги извлековме од дома глувите и наглувите лица и, давајќи им можност самите да пазарат, тие ја зголемија самодовербата и секако, сега имаат едно задоволство повеќе во животот", вели Предраг Тасиќ, раководител на Секторот за маркетинг во Скопски пазар.

Според Марија Георгиевска, раководител на проектот, ова е мал почеток и идејата треба да продолжи да се шири и во другите градови. "Покрај тоа што веќе имаме обучени продавачи во нашите продавници во Скопје, Кавадарци и во Охрид, ќе следува и вработување во Ресен. На секоја наша продавница има налепница на која пишува дека во објектот може д бидете услужени со гестикулативен говор. Лицата со оштетен слух веќе го знаат тоа и тие се наши постојани муштерии".

(Утрински весник, 14.01.2008, "Во маркетите на Скопски пазар се применува гестикулативниот говор")